Ден

Организирана група ја пустоши Малешевијата: Сечат голем дел од шумата нелегално, заработуваат и по илјадници евра дневно

Двориште е едно од најубавите села во Малешевијата. Се наоѓа на надморска височина од 940 метри, со голем атар и шумска површина од речиси 4.530 хектари, на само 20 километри од Берово. Но, зад оваа навидум недопрена убавина се крие мрачната слика на криминал за кој инволвираните се богатат со илјадници евра буквално преку ноќ.

Во единственото село од разбиен тип во Малешевијата се случува опустошување на шумата, со масовна сеча на дврата, а која во најголема мера е нелегална и противзаконска. Изворите на „Ден“ говорат дека се работи за добро организирана група, која со години го смалува бројот на дрва во Малешевијата, а за тоа никој не презема ништо, бидејќи оној кој се обидува, наидува на опструкции.

Во шемата се вмешани еден „селски шериф“, за кој граѓаните велат дека го окупирал Двориште, неколку шумари и најверојатно полициски службеници кои функционираат на овој начин низ годините. Опустошувањето, како што дознава „Ден“, оди до таму да за еден до два дена се сечат и до 300 кубни метри дрва, од државно и приватни земјишта. Недалеку од селото, се носат дрвата кај подобни шумари, кои ставаат печат на најголемиот дел од дрвата, со што потоа истите се презентираат како легални. Потоа поголем дел од нив одат на продажба како легално исечени дрва.

Добар дел од дрвата пак, остануваат во селото, каде според нашите информации, има дробилица во која може да се преработат до 100 кубни метри дрва, а потоа, се изработуваат и пелети и брикети. Полицијата и инспекциите пак, со години не можат да го решат овој случај за кој се запознаени, бидејќи како што дознаваме, наидуваат на опструкции од повисоко ниво. Бидејќи нема целосна контрола и порверка, претпоставката е дека повеќе од 50% од сечата е нелегална.

Она што како информации го има „Ден“ е дека полицијата се обидува да реализира акција поврзана со овие 300 метри кубни дрва, но поради сите опструкции низ годините, не се знае дали ќе успее да отиде до крај со акцијата.

Жителите на Двориште велат дека се загрижени за неконтролираната сеча на дрва. Тие сведочат дека нелегалната сеча се случува ноќно време, но и дека со години никој не се справува со разработената криминална мрежа.

Министерството за внатрешни работи неретко излегува со информација дека успешно се справиле со нелегалната сеча на дрва, но случајот со сечата во село Двориште е поразличен, бидејќи се вмешани и полициски службеници кои со своето делување ги спречуваат колегите успешно да ја пресечат поврзаната група во нелегалното дејствување.

Александар Тодески

Втор дел:
Нелегално исечени дрва се транспортираат пред очите на шумарите и граничарите?
Трет дел: 
Се конфискуваат дрва во Малешевијата, дрвосечачичте ќе добијат прекршочна за нелегална   сеча

Можеби ќе ве интересира:

Втор викенд полициски час од 16 часот во целата држава

Во Кавадарци денеска втора аеродезинфекција

59 лица се движеле на полицискиот час, од нив 28 се приведени

Александар Тодески
×

Следете не