Ден

Продолжија протестите против расизмот во САД

Продолжија и се побројни станауваат протестните акции против полициското самоволие во САД, иако насилството практично запре, а резултат на сето видено се урнати статуи на расистички политичари и генерали.

Во Вашингтон синоќа демонстрантите мирно го изразија својот гнев против убиството на Афроамериканецот Џорџ Флојд минатата недела во Минеаполис, од страна на полицацеот Дерек Шавин, кој подоцна беше уапсен и обвинет за убиство. Неговата безмилосна постапка беше оценета какло немилосреден чин, што уште еднаш укажува на длабоко вкоренетата дискриминација на црномурестите луѓе во американското општество.

Протестите почнаа со марш од Епископската црква Свети Јован, во близина на Белата куќа, и се одвиваа по улиците на градот, а на нив се скандираше „Нема правда, нема мир“, „Црните животи се важни“, „Не расизам и расистичка полиција“, или „Ова е демократија“.

Забележливо е зголеменото присуство на полицијата и војската во центарот на Вашингтон, со десетици воени камиони распоредени на кварт од Белата куќа, во круг блокирајќи секакво движење кон резиденцијата. Дел од градот кој порано беше окупиран од туристи кои се фотографираа пред оградата на Белата куќа, сега наликува на Бејрут.

Над зградите постојано надлетуваа хеликоптери и го следеа движењето на маршот.

Критиките кон претседателот Доналд Трамп за милитаризација и правење „тврдина“ од Вашингтон доаѓаат од сите страни.

Така на пример, не согласување со тоа што синоќа се одвиваше во Вашингтон пристигна и од министерот за одбрана, Марк Еспер, кој им наредил на ангажираните трупи, околу 200, да заминат дома. Неговата позиција засега останува несигурна, и можно е да слушнеме за оставка, со оглед на незадоволството од одлуката во Белата куќа.

Резултатот од бранот протести што деновиве ги заплиснаа САД против дискриминацијата на другите етнички заедници е уривање на статуи и спомен обележја на истакнати политичари и генерали, кои останале познати и по својот расизам. Во два града во САД, Филаделфија и Ричмонд, донесени се одлуки за уривање на такви споменици.

Така, во Филаделфија во текот на завчерашната ноќ беше тивко размонтиран споменикот на Франк Ризо, поранешен градоначалник и полициски комесар од 1967 до 1980 година, кој застапувал политика на „убивање на црнците“, како начин да се спречи криминалот во градот. А бил и хомофоб.

Во Ричмонд пак, се разгледува барањето за отстранување на статуата на Роберт Ли, генерал на Конфедеративната армија од 19 век. Ричмонд е поранешна престолнина на јужначката Конфедерација и место на повеќе спомен обележја на истакнати личности и настани од времето на американската Граѓанска војна.

Некои се веќе урнати откако претставници на белите супрематисти (групи кои поддржуваат надмоќ на белата над црната раса), во 2015 година убија девет лица, Афроамериканци, во црква во Јужна Каролина, за време на курсеви за изучување на Библијата. Истите групи во август 2017 организираа насилен митинг во Шаролствил, Вирџинија, при што загина едно лице.

Убиства на Афроамериканци од страна на бели полицајци во САД се случуваат од година во година. Случаите поврзани со грабежи, поседување дрога или оружје понекогаш се сериозни, но многу почесто банални. Додека, речиси половина од затворската популација во земјата, најбројна во светот (во 2016 година броела 2.2 милиони), е составена од Афроамериканци, а 20 отсто од затворениците се Јужноамериканци.

Протести против полициското самоволие и расизмот синоќа се одвиваа во десетици други градови на САД, со забележливо отсуство на инциденти. Во некои градови како Њујорк, имаше апсења поради нарушен на полициски час од страна на демонстрантите

Можеби ќе ве интересира:

Осуммина починати, 136 нови потврдени случаи на заразени со коронавирус

Малолетник прободен кај Зелен пазар во Скопје

Лични карти и пасоши во Скопје ќе се издаваат и во сабота и недела

×

Следете не