Ден

САД испраќаат засилување од илјадници војници на Блискиот Исток

САД испраќаат засилување од илјадници војници на Блискиот Исток по тензиите во регионот поради убиството на Касим Сулејмани, објави Си-Ен-Ен.

Повикувајќи се на официјално лице од Министерството за одбрана, телевизијата објави дека дополнителните трупи се дел од Силите за брза реакција на 82. воздушно-десантна дивизија. Силите се наоѓаат во целосна готовност и можат да бидат префрлени во регионот во секој момент.

Веднаш по протестите и нападот на Американската амбасада во Багдад, САД испратија 750 трупи од оваа воена единица. Засилувањето се состои од 3.000 дополнителни војници.

Нападот што се случи изутринава во близина на багдадскиот аеродром и убиството на иранскиот генерал Сулејмани за Пентагон е „решителен одбранбен чекор за заштита на воениот персонал на САД во странство“.

САД го обвинија генералот за убиство на илјадници американски војници и воен персонал во регионот во изминатата деценија.

Сулејмани беше обвинет за активно вклучување во развивање планови за напад на американски дипломати и воени лица во Ирак и насекаде во регионот, како и за раководење со напади на коалициските бази во Ирак во последните неколку месеци.

Покрај Сулејмани, во нападот е убиен и шиитскиот предводник Абу Махди ал-Мухандис, лидер на Катаиб Хезболах, група поддржана од Иран, која според САД извршила повеќе ракетни напади врз американски цели во регионот.

Бен Фридман, од вашингтонскиот тинк тенк „Одбранбени приоритети“, смета дека нападот е „исклучително безобзирен акт затоа што сегашните сили на САД во регионот не се доволни да одговорат на потенцијалните последици“.

Според Фридман, неговото убиство претставува акт на војна и дека Иранците ќе бидат принудени на одмазда.

Ајатолахот Али Хаменеи, ирански верски лидер, еднаш го опиша Сулејмани како „жив маченик на револуцијата“.

Можеби ќе ве интересира:

Кина: Навремено го информиравме СЗО за коронавирусот

Александар Тодески

Нов Зеланд одлучи да ја укине мерката за физичка дистанца

Александар Тодески

Папата Франциск ги осуди расизмот и насилството во САД

Александар Тодески
×

Следете не