Ден

Северна Кореја, династијата на Ким и човековите права

Северна Кореја деновиве повторно е во фокусот на јавноста, поради веста за наводната смрт, евентуално вегетативната состојба на нивниот лидер Ким Џонг-ун. Со денови се шпекулира, но потврда од официјален Пјонгјанг нема.

Како што прашањето станува актуелно, повторно јавноста се потсетува на (не)владеењето на човековите права на територијата на државата. Се нижат претпоставки и околу тоа кој би го наследил, а „фаворит“ е неговата сестра Ким Јо-џонг. Тие се деца на Ким Јонг-ил, кој почина во 2011 година.

За животот во Северна Кореја се пишува многу. Новинарот Блејн Харден во 2012 го издаде бестселерот „Бегство од логорот 14“, кој е на некој начин биографија на Шин Донг-хјук, бегалец од работнички логор. Иако Пјонгјанг ги демантираше наводите во книгата, факт е дека тие логори уште постојат, а луѓето кои се затворени таму поради „политички предавства и злосторства“ се соочуваат со константно изгладнување и тешка физичка работа.

Овие концентрациони затвори, односно логори, првпат беа забележани на сателитски снимки, кои ги објави Амнести Интернешенл. Оттогаш, бегалците од Северна Кореја се во фокусот на борците за човекови права. Најчесто бегаат преку Кина, од каде патуваат кон Јужна Кореја, каде добиваат статус на азиланти и државна помош во траење од неколку години, која ја враќаат кога ќе се ресоцијализираат и ќе почнат сами да заработуваат.

Северна Кореја е толку затворено општество, опкружено со контраверзии, а секој навод за насилство и непочитување на човековите права тие го демантираат, велејќи дека се работи за измислици. Династијата на Ким започнува со Ким Ил-сунг во 1948 и оттогаш владее еднопартиски систем. Граѓаните имаат право на глас, но немаат опции за гласање. Ким Ил-сунг е познат како вечниот претседател, а Ким Џонг-ил како саканиот претседател. Нивните родендени и деновите на нивната смрт се државни празници.

Од друга страна, населението во просек е многу потхрането, пониски се од соседите, а исхраната се сведува на пченка, увезен ориз и зеленчук. Северна Кореја е планинско подрачје кое нема обработлива површина. Голем дел од храната за народот се обезбедува преку трговски врски и донации од Кина, Јужна Кореја и Русија. Тие го негираат и постоењето на работничките логори, но постојат повеќе примери на бегалци кои детално го опишуваат својот престој таму.

Северна Кореја и покрај напорите на доброволните групи за заштита на човековите права, останува држава во која иако просечен животен век е околу 70 години, многумина умираат млади поради сиромаштија, глад и болести поврзани со нехигиенски услови. Според досегашните сознанија, богато се живее само во Пјонгјанг и тоа семејствата кои покажале лојалност кон династијата на Ким.

Медиумите се или цензурирани или контролирани и корумпирани. Има три ТВ-станици контролирани од државата, од кои две прикажуваат програма само за викенд, а една секој ден, навечер. Единствена новинска агенција која има свое биро во Пјонгјанг е Асошиејтед прес. Тие имаат и спортски тимови, дури и во 2010 учествуваа на Светското првенство во фудбал, но прашањето околу начинот на живот и човековите слободи и понатаму останува отворено, бидејќи точни и прецизни одговори и ставови нема, а сведоштва за модерно ропство има многу.

Можеби ќе ве интересира:

Полицијата со засилена контрола дали се носат маски

Во сабота завршува вонредната состојба, почнуваат да течат роковите за избори

Почнаа со работа кафулињата и рестораните под посебни протоколи

×

Следете не