Ден

Се отвора истрага против СЗО за справувањето со коронавирусот

Земјите-членки на Светската здравствена организација се усогласија да се отвори независна истрага за начинот на кој агенцијата на ОН одговорила на предизвикот од коронавирусот, по острите критики од САД.

На видео-конференцијата одржана вчера и денеска, освен истрагата за работата на агенцијата, договорено е и да се обезбеди еднаков пристап до третмани или вакцини кои ќе се развијат против Ковид-19, а се бара и меѓународна истрага за потеклото на вирусот.

Со резолуцијата која ја поднесе ЕУ се бара „непристрасна, независна и сеопфатна проценка“ на меѓународниот одговор на пандемијата која досега зафати 4,8 милиони луѓе и предизвика смрт на 318 илјади. Во неа се наведува дека истрагата треба да опфати и анализа на „акциите на СЗО и нивните временски одредници поврзани со пандемијата“.

Шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел и комесарката за здравство Стела Кирјакидес во заедничка изјава порачаа дека „независната истрага за тоа како започнала и се раширила пандемијата ќе биде важна за да се зајакне глобалната подготвеност во иднина“.

Одлуката беше донесена еден ден откако САД остро го нападнаа СЗО и ја критикуваа Кина поради нејзината улога во кризата. Претседателот на САД, Доналд Трамп, во понеделникот се закани дека ќе ја повлече својата земја од СЗО, обвинувајќи ја организацијата дека лошо го менаџирала одговорот на пандемијата и дека е „под контрола на Кина“.

Шефот на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус го поздрави барањето за истрага, најавувајќи дека и самиот „ќе иницира таква евалуација во првиот погоден момент“.

Можеби ќе ве интересира:

Полицијата со засилена контрола дали се носат маски

Во сабота завршува вонредната состојба, почнуваат да течат роковите за избори

Почнаа со работа кафулињата и рестораните под посебни протоколи

×

Следете не