Ден

Собранието разгледува законски решенија по скратена постапка

Пратениците во рамките на претпладневниот дел од работата по дневниот ред на 130-тата собраниска седница одлучија повеќе законски решенија да се разгледаат по скратена постапка.  Претседателот на Собранието Талат Џафери ги задолжи матичните комисии да расправаат за предлозите и да го информираат кога ќе бидат седниците за да може тој да ги информира пратениците за рокот за поднесување амандамни.

Пратениците едногласно одлучија по скратена постапка да се донесе Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за Собранието со кој, како што кажа претседателот на Собранието Џафери во образложението за потребата од носење по скратена постапка, се зголемува независноста на собраниската администрација во своето функционирање.

-Со измените на Законот се обезбедува посебен статус на државните службеници вработени во Собранието и се отстранува обврската да се бара согласности од Министерството за финасии за секое вработување во законодавниот дом. Со тоа се овозможува во Собранието да се постигне правична застапеност, рече Џафери и додаде дека предлогот е поддржан од сите пратенички групи во законодавниот дом.

Со измените, додаде, се овозможува државните службеници во Парламентот да имаат можност за дополнителни примања во износ од 30 отсто од платата заради дополнителните ангажирања. Покрај тоа се остава и можност да се ангажираат експерти за потребите на Собранието.

Собранието одлучи по скратена постапка да се разгледа и Предлог законот за стратешки инвестиции. Како што истакна земеник-министерот за економија Кирил Колемишевски, законот за стратешки инвестиции се носи со цел да поттикне, привлекува и создава услови за спроведување на стратешките инвестиции, како и да поттикне економски раст, вработување, примена на нови технологии и иновации, зголемување на конкурентноста и на извозот, намалување на трговскиот дефицит и подобрување на условите за живот на граѓаните.

– Со овој закон се отвора можност за голем инвестициски циклус во државата, не само на државно, туку и на локално ниво, рече Колемишевски.

За стратешки инвестициски проекти, посочи, ќе се сметаат проекти со кои се врши реализација на инвестиција во висина од најмалку 100 милиони евра во најмалку две општини, најмалку 50 милиони евра во општините со седиште во град и во Градот Скопје и најмалку 30 милиони евра во општините со седиште во село.

Седницата ќе продолжи по едночасовната редовна пладневна пауза.

Можеби ќе ве интересира:

Сугарески: Носиме Закон за на никој во иднина да не му текне да прави дивоградби

Влатко Зорба

ПССЕ: Намален притисок и гонење на новинарите во С.Македонија

Никола Поповски

Филипче за коронавирусот: Состојбата целосно е под контрола, нема регистрирано сомнителни случаи

Никола Поповски