Ден

Спасовски: За полициски час ќе се одлучува во зависност од однесувањето на граѓаните

Предлагаме воведување на вонредна состојба во државата веднаш, но остануваме во комуникација со ЕУ, НАТО и регионот за заеднички мерки и справување со оваа криза. Ќе направиме се да го вратиме безбедното секојдневие на граѓаните. Посакуваме сите да бидеме одговорни, ефикасни и што е можно за пократко време да излеземе победници од целата оваа ситуација, рече премиерот Оливер Спасовски.

Што ќе се случува во вонредната состојба, вели премиерот, ќе зависи од донесувањето на граѓаните и состојбите во државата.

„Знам дека за некои е поважно да изнајмуваат вили во Сопиште, Соње и да прават журки. Тоа не може да биде дозволено во иднина. Кога укажуваме дека не треба да имаме собири и дека се загрозува здравствениот систем, тоа е крајно неодговорно. Затоа треба сите да се однесуваме одговорно“, нагласи Спасовски.

Премиерот истакна дека многу превентивни мерки се преземени и истите дале позитивни резултати. Според него, тоа не значи дека веднаш ќе има полициски час во земјата, но сепак ќе се одлучува според однесувањето на секој граѓанин, па затоа сите треба да бидат на висината на сопствената одговорност.

„Имаме планови и тие планови ги развиваме. Мора да имаме разбирање од сите граѓани и мора да се знае дека тоа што е дадено како мерка мора да се почитува и дека ова не е состојба во која некој ќе избере како ќе постапува. Донесовме заклучок со кој секој граѓанин кој сака да излезе надвор од државата, ќе мора да потпише изјава дека нема да се врати во земјата три месеци. Апелирам сите граѓани да ги одложат патувањата“, истакна Спасовски.

Премиерот посочи дека се бара вонредна состојба бидејќи има епидемија, а има пандемија во светски размери. Повтори дека одлуката за вонредна состојба е една од најтешките кои ги донела владата, но и дека е нужна одлука која не ја посакувале.

„Тоа значи дека уредбите на владата ќе имаат законска сила и ќе може да се справува со состојбите многу полесно. Важно е пред се од аспект на економијата, но ќе помогнеме и на јавното здравје. Апелирам до граѓаните на трезвеност и смиреност. И залихи на храна и залихи на горива и се што е потребно постои. За мерките кои ќе бидат ограничувања, дополнително ќе соопштиме. Редовно ќе информираме се што ќе носиме како одлука и кои ограничувања ќе ги даваме. Сите институции многу поефикасно ќе може да се вклучат. Ова не значи веднаш да ги преполнуваме маркетите и да купуваме, залихи има и во маркетите и државата, транспортот се одвива непречено. Сето тоа ќе го обезбедиме како држава, апелирам само да се почитуваат мерките на владата“, рече Спасовски.

Тој појасни дека уредбите ќе се носат во сите делови, за се што ќе биде потребно, а врз основа на анализите кои ги има и ќе ги има владата. Премиерот посочи и дека ќе се помогне на сите кои се економски загрозени во рамките на можностите на државата.

„Мораме да имаме заштита за сите граѓани преку постоење на карантин за одредени групи кои се враќаат во државата. Пред неколку дена се донесе одлука за забранет превоз на луѓе со автобуси, минибуси и така натаму, па затоа мораше да се направи простор каде ќе се направат првите епидемиолошки прегледи, па да се одлучи каде и како ќе бидат сместени и колку ќе бидат задржани“, нагласи Спасовски.

 

Можеби ќе ве интересира:

ВИДЕО: Тринаесетти полициски час во Скопје

Александар Тодески

(ФОТО) Пожарникарите порачуваат: Седи дома

Бајратар: Лицата што останаа без работа да аплицираат за минимална помош

Александар Тодески
×

Следете не