Ден

Ѓукановиќ: Србија и Руија имаа обид за уништување на Црна Гора

Црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ ги обвини Србија и Русија дека ја користат Српската православна црква за подривање на црногорската прозападна Влада, која сака членство во ЕУ, пренесува Радио телевизија Црна Гора.

Ѓукановиќ вели дека серијата протести против Законот за слобода на вероисповед, предводени од СПЦ се обидуваат да ја доведат во прашање независноста на Црна Гора.

– Ако се прашувате дали ова е континуитет на (обидот) за уништување на Црна Гора и опструкција на нејзината намера да го продолжи својот пат кон европска и евроатлантска интеграција, нема сомнеж за тоа, изјави Ѓукановиќ во интервју за Ројтерс кое го пренесува РТЦГ.

– Москва беше недвосмислена да ги покаже своите интереси за тековниот (верски) проблем во Црна Гора,  додаде тој.

Ѓукановиќ го обвини Белград за заживување на националистичкиот концепт на Голема Србија што придонесе за балканските војни од 90-тите години и распаѓањето на поранешна Југославија.

– Не се сомневаме дека се активирани сите механизми за реализација на проектот на Голема српска држава и оти Црна Гора е, исто так,а цел, истакна Ѓукановиќ за британската агенција.

Марија Захарова, портпарол на Министерството за надворешни работи на Русија, ги негираше тврдењата нацрногорскиот претседател, оценувајќи дека „никој не може да го поткопа она што тој го прави, повеќе од самиот Ѓукановиќ“.

Ројтерс, како што пренесува РТЦГ, наведува дека и српската премиерка Ана Брнабиќ ги отфрлила коментарите на Ѓукановиќ. Зборувајќи за протестите со кои Ѓукановиќ се соочува, Брнабиќ рекла дека „тој има проблем во својата земја и со граѓаните на Црна Гора“.

– Изненадена сум од реториката на претседателот Ѓукановиќ … Србија ги напушти деведесеттите години одамна и се сврте кон иднината, рече Брнабиќ, додавајќи дека Србија бара Србите во Црна Гора да имаат право на свој јазик и религија.

Британската агенција потсетува дека протестите во Црна Гора започнаа во декември поради законот што дозволува државата да преземе сопственост врз црковниот имот, ако црквата не може да докаже дека била сопственик на тој имот пред 1918 година – кога тогашното Кралство Црна Гора се приклучи на Кралствотона Србите, Хрватите и Словенците, претходник на Југославија.

Српскиот претседател Александар Вучиќ, пишува британската агенција, рече дека Белград нема да се меша во работите на Црна Гора, но исто така рече дека Србија ќе помогне на тамошното српско малцинство.

– Србија се движи кон опасна стапица за заштита на наводно загрозените права на (малцинските) Срби … истовремено загрозувајќи го суверенитетот на другите држави, констатира Ѓукановиќ.

Можеби ќе ве интересира:

Запленети 50 тони кокаин во операција на 26 земји

Над шест милиони заразени со коронавирус во светот

Продолжуваат протестите во Минеаполис по бруталното убиство на Флојд

Александар Тодески
×

Следете не