16.5 C
New York
May 21, 2022
Ден

Хронологија – Како Зекири заврши во Шутка и која е фирмата „Интерхолдинг“

Втор ден истрага и експресно барање притвор. На владиниот генерален секретар во оставка, Мухамед Зекири денот му почна со неотповиклива оставка до премиерот Димитар Ковачевски, а дваесетина минути пред полноќ, доби одлука следните триесет дена да ги помине во притворското одделение во истражниот затвор Скопје во Шуто Оризари, под сомнение дека со злоупотреба на службената положба и овластување го оштетил државниот буџет заедно со уште двајца хрватски државјани.

Неговиот бранител, адвокатот Александар Трајковски денеска кратко изјави дека веднаш ќе ја обжалат одлуката на судот.

Која е фирмата?

За фирмата не се знае многу, бидејќи е отворена минатата година. Се вика „Интерхолдинг“, а е во сопственост на хрватската компанија „Интерфајнанс“, чиј сопственик пак, е Денис Фудуриќ. „Интерхолдинг“  е основана во април, во истиот месец кога во четири очи е договорено од државата да добие 940.000 евра за консалтинг услуги.

Како се одвиваше вчерашниот ден:

9:30 Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција испрати соопштение дека е отворена истрага против три лица – Висок владин функционер и две лица – државјани на Република Хрватска, под сомнение дека го оштетиле државниот буџет, односно склучиле договор за консалтинг услуги во четири очи тежок 940 илјади евра, износ поголем за 145 илјади евра од договорената сума за вршење на консалтинг услуги, односно 795 илјади евра. Парите се префрлале април 2021 година до јануари оваа година.

10:00 Стигна и информацијата дека обвинителите го работат случајот откако до нив стигнала белешка од Министерството за внатрешни работи. Двете институции (Обвинителството и МВР) потоа заедно ја работеле акцијата.

11:40 Зекири, кој не одговараше на телефонските повици, ниту на пораките од новинарите се јави на Фејсбук – Ја сподели неотповикливата оставка која ја испратил до премиерот Димитар Ковачевски. Се очекуваше да се појави во судот, каде се очекуваше да дојде без да биде стражарно спроведен, но се уште не се појавуваше. Премиерот Ковачевски експресно ја прифати оставката на осомничениот генсек.

12:30 Судијата на претходна постапка, кај која требаше Мухамед Зекири да ги спротивстави ставовите со обвинителката Катерина Коларевиќ дали и зошто треба тој да се брани од слобода побара од најблиската полициска станица да го спроведе Зекири, бидејќи тој се уште не се појавуваше пред судот.

13:00 Шефицата на обвинителството за организиран криминал, Вилма Русковска за медиумите изјави дека обвинителството знае каде се парите, но не даде позитивен сигнал за двајцата хрватски жители – Тие веќе ја напуштиле Македонија.

16:40 Три часа откако судијата на претходна постапка даде наредба владиниот генерален секретар во оставка да биде донесен во судот со полиција, Мухамед Зекири пред судот се појави пешки, без полициска придружба и само со својот адвокат, Александар Трајковски. За медиумите не даде никаква изјава. Бидејќи се појави подоцна од 15:30 часот, слујачот отиде во раце на дежурен судија.

20:20 Во судот се појави и обвинителката која го води случајот – Катерина Коларевиќ, на повик на судијата, на рочиште на кое ги претставуваше сите доакзи против Зекири и зошто тој би требало да замине во притвор.

21:00 Заврши рочиштето на кое се кршеа копјата помеѓу владиниот генсек, Мухамед Зекири и обвинителката Коларевиќ. Обвинителката за медиумите потврди дека имаат оперативни сознанија дека двајцата хрватски граѓани не се во Македонија, иако и за нив имаат побарано мерка притвор. Рече дека нема оперативни сознанија дека Зекири ќе избега, но побарале притвор поради можност од бегство, можно влијаење на сведоци и можно уништување на докази.

23:30 По два ипол часа откако заврши рочиштето, судијата пресече – Зекири замина во триесетдневен притвор. Неговиот адвокат Трајковски од судот си замина без да даде изјава пред медиумите. Зекири во притворот во Шуто Оризари беше однесен со полициско возило, од подземната гаража на судот.

Поврзано

Фетаи, Нанев и Тупанчевски под лупа на институциите

admin