Судар на џип и мотор во близина на Веро Тафталиџе. Пешак загина во Ѓорче Петров. Возило удри во пешак. Се судрија мотоцикл и автомобил. Ова се само мал дел од вестите кои секојдневно ги читаме. Речиси и да нема ден во кој нема случај на настрадан пешак или велосипедист, или кој и да е учесник во сообраќајот во Скопје.
Вчеравечер во Ѓорче Петров загина пешак, во близина на објектот на Општината. Утрово на Твитер осамна информација дека велосипедист е прегазен кај Алумина. Пред извесно време известивме и за сообраќајка кај зградата Адора Флетајрон во Кисела Вода.
Несреќи се случуваат секој ден, а животи ни се гаснат пред очи. Постои ли виновник? Секој треба да одговара за непочитувањето на сообраќајните правила. Но, колку и да казнува полицијата, секојдневно и самите сведочиме како се вози пребрзо, не се пропуштаат пешаци на пешачки премин, пешаци преминуваат на небележано, не се почитуваат семафорите, велосипедистите се однесуваат како да се семоќни…
А навистина малку треба за сето тоа да се спречи и да имаме што помалку жртви на вакви несреќи.