Ден

Собрание: Затворањето на вратите за пребројување е согласно Деловникот

Собраниските служби преку соопштение реагираат на вчерашниот скандал со заклучени врати во пленарната сала, каде  не може да влезат ниту да излезат пратеници додека службите не пребројат колку во моментот се присутни. Според Собранието, Деловникот ја демантира опозицијата.

„Проѕирна е намерата на опозицијата, која сите овие години ја опструира работата на законодавниот дом и оневозможува донесување на битни закони за граѓаните, и овој пат да создаде лажна претстава во јавноста дека претседателот на Собранието на Република Северна Македонија постапува спротивно на Деловникот. Токму Деловникот ги демантира нелогичните обвинувања дека претседателот Џафери сторил нешто надвор од своите надлежности. Според членот 95 од Деловникот, Собранието може да одлучува ако на седницата присуствува мнозинство од вкупниот број пратеници. Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, а најмалку со една третина од вкупниот број пратеници, ако со Уставот не е предвидено посебно мнозинство“, стои во соопштението.

Од таму велат дека претседателот на Собранието го соопштува бројот на пратениците што гласале „за“, „против“ или „воздржано“, како и бројот на пратениците што се присутни, а тој може и да определи да се утврди бројот на присутните пратеници со броење. Според објаснувањетп, утврдениот број на присутни пратеници се смета за точен сè додека претседателот или еден пратеник, чие барање го поддржуваат најмалку десет пратеници, не побара повторно да се утврди бројот на присутните пратеници.

„Според тоа, во текот на вчерашниот ден вратите на салата беа затворени за да можат собраниските служби да го утврдат бројот на присутни пратеници, односно дали има кворум за да се премине на гласање. Со оглед на тоа што во салата со куполи, каде што во овој период се одржуваа пленарните седници нема соодветна опрема, се воспостави пракса координаторот да составува листа од присутни пратеници пријавени за збор. Од тој аспект, Деловникот дозволува можност за затворање на вратите на салата, на барање на претседателот на Собранието или на еден пратеник, поддржан од најмалку десет пратеници. Поточно, членот 97 од Деловникот на Собранието на Република Македонија предвидува дека за време на поименичното изјаснување на пратениците вратите на салата во која се одржува седницата на Собранието се затвораат и не се дозволува влегување и излегување на пратениците се додека трае поименичното изјаснување. Гласањето може да се врши и со поименично изјаснување на пратениците. Поименично изјаснување може да се врши заради точно утврдување на резултатот од гласањето, по барање на претседателот на Собранието или на еден пратеник чие барање го поддржуваат најмалку десет пратеници, само ако предлогот за кој се гласа добил до пет гласа повеќе или помалку од потребниот број гласови за негово донесување. Поименичното гласање се врши со изјаснување на секој прозиван пратеник со „за“ или „против“ предлогот или со воздржување од гласањето. Доколку пратеникот кога е повикан да гласа не е присутен во салата, не може дополнително да гласа“, пишуваат од Собранието.

Од Собранието велат, претседателот на Собранието, Талат Џафери, немало да дозволи ВМРО-ДПМНЕ да ја девалвира парламентарната демократија во Македонија.

„За време на поименичното изјаснување на пратениците вратите на салата во која се одржува седницата на Собранието се затвораат и не се дозволува влегување и излегување на пратениците се додека трае поименичното изјаснување. Исто така, Деловникот, поточно членот 91 предвидува дека за одржување на редот на седницата се грижи претседателот на Собранието. За повреда на редот на седницата, претседателот на Собранието може да го опомене и да му го одземе зборот на пратеникот. Според тоа, сосема јасно е дека претседателот на Собранието во ниту еден момент не го прекрши Деловникот во текот на вчерашното продолжение на 71.седница, туку дека тоа, како и илјадници пати досега, го направи опозицијата, со своето недолично однесување, со цел да создаде хаос во законодавниот дом, служејќи се со слични методи како и на 27 април 2017 година. Претседателот на Собранието нема да дозволи ВМРО-ДПМНЕ на таков начин да ја девалвира парламентарната демократија во земјава. Претседателот на Собранието досега и во иднина ќе продолжи да работи согласно Деловникот, Уставот и законите, во интерес на граѓаните“, се наведува во соопштението.

 

Поврзано

За три дена речиси 900 нови ковид-случаи – дополнителни мерки нема

Elena

Задржувања од околу половина час на ГП Богородица

Elena

СЗО предупредува на нов вид на хепатитис со непознато потекло

Elena
WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com