Во рамките на својата работна посета на Украина, министерот за надворешни работи Бујар Османи, придружуван од претставници на украинската Влада денес го посети градот Ирпињ, на периферијата на Киев, каде има интензивни воени дејствија од почетокот на руската инвазија.
„Тоа што го видов кај Ирпињ уште еднаш ме убеди колку нашиот став за осуда на оваа воена агресија е оправдан. Пронајдени се телата на бројни цивили, додека над 70 отсто од зградите се потполно или делумно уништени, вклучително болници и образовни институции“, изјави Османи.
Според него, невидената и неиспровоцирана агресија претставува тешко кршење на меѓународното право, напад врз суверена земја и сериозен обид да се уништат темелите на меѓународната безбедност и стабилност.
“Посетата на Украина, е чин на поддршка и солидарност и овие сцени и слики се доказ за неразумна и деструктивна политика, која стои позади неа”, порача Османи.
Во рамки на посетата, Османи ја отвори Амбасадата на Македонија во Киев, која беше привремено затворена поради безбедносни причини по руската инвазија врз Украина. Со свечено подигнување на знамето од страна на министерот, Амбасадата почна со извршување на своите редовни активности.
„Ова не е само симболична порака, туку суштински израз на пријателство и солидарност кон украинскиот народ и држава“, изјави Османи.
Министерот на средбата со својот хомолог Дмитро Кулеба информира и за одлуката на Владата, која беше донесена во пресрет на посетата, со која се обезбедува итна финансиска помош за Украина во износ од 100 илјади евра.