Ден

Црвенковски: Договорот со Бугарија за „заедничка историја“ беше голема грешка

Договорот со Бугарија не затвори ниту едно прашање, туку ја отвори Пандорината кутија и создаде основа за цела серија барања од страна на Бугарија, кои задираат во нашиот национален идентитет и историја до таа мера, што компромис едноставно не е можен, истакна експретседателот Бранко Црвенковски на дебата на Советот на амбасадори.

Според Црвенковски, Преспанскиот договор не е добар, ниту идеален, но е избор на помалото зло. Сепак, вели тој, со овој договор се затвори едно прашање, а се подобрија и односите со Грција, а со договорот со Бугарија, се случува спротивното – Неспоредливо полоши односи од претходно.

Единствено можно решение, според експретседателот, е секоја од страните да си го задржи правото на сопствено видување, но тоа да не биде пречка во билатералните и мултилатералните односи. Тој смета дека треба веднаш да се прекине со праксата присутна во последните 4-5 години, на лесно и без основа подигање на очекувањата дека на повидок е решение и истото само што не се случило, бидејќи според Црвенковски, големи, а нереализирани очекувања водат кон големи разочарувања.

„Потпишувањето на договорот за пријателство и соработка со Бугарија со таква содржина, посебно со формулацијата за „заедничка историја“ и формирањето на мешовитата историска комисија со мандат да арбитрира околу историските настани и личности беше голема грешка. Тезата која се пласираше во јавноста дека за националниот идентитет не преговараме, а за историјата ќе се договориме, во самата своја основа е апсурдна. Секој и сечиј национален идентитет е резултат на историски процес кој се потпира на одредени историски меѓници, настани и личности. Ако тие меѓници ви бидат одземени и прогласени за туѓи, од националниот идентитет не останува ништо освен празна реторика. Книга со корици и празни листови. Јас не тврдам дека и без договорот, Бугарија немаше да стави вето. Но во тој случај барем не ќе можеше да го користи аргументот кој постојано го повторува дека Македонија не ги исполнува превземените договорни обврски. Позициите презентирани од страна на официјални претставници на Република Бугарија се такви што не оставаат простор за било каков оптимизам“, потенцираше Црвенковски.

Поранешниот претседател и премиер вели, јавноста треба да биде подготвена дека блокадата од страна на Бугарија може да потрае во подолг временски период и дека заради тоа нема да ги отпочнеме преговорите со Европската унија.

„Toa за Македонија се разбира не е добро, но никако не смее да се доживее како национална трагедија која ќе не парализира. Напротив, треба да претставува поттик да почнеме многу посериозно и поодговорно да си ги средуваме работите дома“, рече Црвенковски.

Поранешниот лидер на СДСМ вели, како држава се однесуваме како да е почетокот на преговорите цел сама за себе, а не само една етапа од долг процес со сериозни предизвици и неизвесен крај, кој нема да зависи само од резултатите и достигнувањата на Македонија, туку и од плановите и интересите на постојните, посебно најмоќните членки на Унијата.

Поврзано

Зеленски: Русија е побројна во Северодоњецк, но можеме да возвратиме

admin

Поради трка во Скопје, блокирани дел од главните улици

admin

Четири години од потпишувањето на Преспанскиот договор

admin
WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com