Нов раст на цените од утре, бидејќи на полноќ завршуваат антикризните мерки на владата, а кои беа донесени за да се спречат ценовните шокови за граѓаните. Освен поскап зејтин, ќе се купува и поскап леб, брашно, ориз, шеќер, млеко и млечни производи, но и јајца и месо.
Според проценките, маслото за јадење ќе биде поскапо за најмалку 7 денари, брашното за 3 денари, а лебот од 3 до 6 денари. Неизвесно е и поскапувањето на останатите цени, откако од министерството за економија, пред повеќе од една недела рекоа дека замрзнувањето на цените не е опција, бидејќи не може да се влијае врз цената на суровините кои се увезуваат.
Храната не е единственото што се поскапува – Кај горивата од полноќ се враќа стапката на ДДВ со 18%, која изнесуваше 10%, но и акцизата, која според владините мерки се намалуваше од 1 до 3 денари, во зависност од светските берзи. Со укинувањето на овие мерки, цените на бензините ќе пораснат над 100 денари, односно 104 денари по литар за 95-ка и 106 денари по литар за 98-ца. Дизелот пак, од 86 денари по литар, сега ќе изнесува 95 денари.