Ден

Почнува полагањето на државна матура – Лани помина со среден успех 3.61

Во средните училишта низ земјава ќе почне полагањето по првиот екстерeн испит – Мајчин јазик и литература од државната матура за учебната 2021/2022 година. Според податоците на Државниот испитен центар (ДИЦ), за тестот по македонски јазик се пријавени 11 060, за албански јазик 4308 и за турски јазик 313 матуранти.

За полагање на матурата, која е услов за запишување на факултет, годинава се пријавиле 15 899 ученици кои завршуваат средно образование. Од нив, 7135 се од гимназии, 8504 од стручни и 260 од уметнички училишта.

Полагањето на вториот екстерен испит ќе биде на 13 јуни од 10 часот. Тој е по избор на учениците, а и оваа година најмногу се пријавиле за тестот по англиски јазик – 14 320 кандидати. Математика ќе полагаат 1231, германски јазик 118, триесет кандидати има за тестот по француски јазик, 10 за руски јазик, 15 ќе полагаат филозофија и 100 кандидати се пријавени за естетика.

Резултатите треба да бидат објавени најдоцна 30 дена од полагањето на вториот екстерен испит. Тие што нема да ја положат државната матура или не во целост, ќе имаат втора можност во августовската сесија. Тестот по мајчин јазик (македонски, албански или турски) ќе биде на 10 август, а на 12 август испитот по изборниот предмет: математика, англиски јазик, француски јазик, германски јазик, руски јазик, филозофија или естетика.

Покрај екстерни, матурантите имаат и два интерни испита и една проектна задача. Учениците кои завршуваат средно образование и оваа година полагаат државна матура како и минатогодишната генерација, која се избори за два наместо три екстерни предмети и за скратени испитни програми. На барање на минатогодишните матуранти да им бидат олеснети условите поради пандемиската година, бројот на екстерни испити беше намален од три на два односно третиот екстерен беше спуштен на ранг на интерен испит.

Државната матура во земјава се спроведува од 2007 година. На крајот на 2019/2020 првпат не беше организирана поради КОВИД-19.

Матурата во јуни 2021 ја полагаа околу 15 300 ученици. Средната оценка од двата екстерни испита лани беше 3.61 и подобра од претходната државна матура, во 2019 година, кога просечниот успех беше 3.48.

Поврзано

Без вода дел од корисниците од улиците „Тиранска“, „Лука Геров“ и „Пелинце“

Elena

Ковачевски на средба со европските социјалдемократи зборувал за ситуацијата во Украина

admin

Заедничка литургија на МПЦ и СПЦ во Соборниот храм: Ден кој испишува нова историја

Elena
WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com