Ден

Наместо на односите со Македонија, Генчовска фокусирана на опожарениот клуб „Ванчо Михајлов“

Бугарската делегација предводена од министерката за надворешни работи Теодора Генчовска денеска ја продолжува работната посета на Македонија. Посетата се реализира на покана на министерот за надворешни работи Бујар Османи, а е во функција на дијалогот меѓу двете министерства за адресирање на отворените билатерални прашања, согласно Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, и прашањата за евроинтеграцијата на Македонија.

Во фокусот вчера, на првиот ден од посетата, беше опожарениот Центар за култура „Иван Михајлов“ во Битола. Осуди за палењето на Центарот стигнаа од македонска и бугарска страна, а сите нагласија дека се работи за вандалски чин и порачаа побрзо да се најдат сторителите.

Османи и Генчовска заеднички остро го осудија инцидентот во Битола и најавија дека двете министерства ќе продлжат да наоѓаат заемно прифатливи решенија и да ги унапредуваат билатерталните односи помеѓу двете земји.

-Разговорите протекоа во пријателска и конструктивна атмосфера во функција на продолжување на дијалогот меѓу двете министерства за надминување на отворените билатерални прашања согласно Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и унапредување на евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија, информира МНР по средбата.

Разговорите, како што истакнаа од МНР, дополнително ќе се интензивираат во периодот кој претстои„ во насока на изнаоѓање заемни решенија за остварување на споделената цел за унапредување на европската иднина на Македонија.

Остри реакции пристигнаа и од бугарскиот државен врв во врска со палењето на влезот на културниот центар „Иван Михајлов“ во Битола.

-Уште една провокација, варварски чин и дел од долгогодишната антибугарска кампања во Северна Македонија, вака претседателот на Бугарија Румен Радев го квалификува палењето на влезот на културниот центар „Иван Михајлов“.

Порачува дека „институциите во Република Северна Македонија мора да ја сфатат својата одговорност кон помладите генерации и да не дозволат омразата да владее со јавниот простор“.

И бугарскиот премиер Кирил Петков најостро го осуди палењето на Културниот центар „Иван Михаилов“ во Битола кој, како што рече, е обид за провоцирање и дестабилизација на односите со нашите соседи.

Според Петков, бугарската Влада ќе продолжи да работи на заштита на правата на бугарската заедница во Северна Македонија и на поддршката на нејзините активности.  Иднината на регионот, дополни Петков, не треба да биде заложник на обидите за дестабилизација на злонамерните маргинални групи.

Осуди стигнаа и од претседателот на државата Стево Пендаровски и од премиерот Димитар Ковачевски.

-Најостро го осудувам палењето на објектот на културниот центар на бугарската заедница во Битола. Ваквите чинови се провокација и не одат во прилог на унапредување на односите со Бугарија, напиша Пендаровски на Фејсбук.

Тој ги повика надлежните институции да спроведат брза и детална истрага, да ги преземат сите потребни мерки, да се откријат и санкционираат сторителите.

Според премиерот Ковачевски, во 21 век со палење и опожарување не се постигнува ништо.
-Дадов јасни насоки до надлежните институции веднаш да го расчистат случајот. Ваквите потпалувачки провокации имаат цел да ги нарушат односите меѓу македонскиот и бугарскиот народ. Затоа, повикувам сите да останеме смирени и достоинствени, а со сторителите ќе се справат институциите, напиша на Фејсбук премиерот Ковачевски.
И вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ вчера го  осуди инцидентот, велејќи дека претставува директен напад на односите кои ги градат и дијалогот кој го водат со соседна Бугарија.
-Изразувам жалење за денешниот инцидент во Битола. Ваквите мали провокации нема да ги победат искрената заложба и досегашниот труд, кои оваа влада ги вложи во враќање на дијалогот со Бугарија и враќање во нормала односите помеѓу двата народи, стои на Фејсбук профилот на вицепремиерот Маричиќ. Тој посочува дека провокациите не носат добро никому, само ги разгоруваат националните емоции кај граѓаните од двете држави, кои штетат на соработката и добрососедските односи.

Осуда имаше и од МНР, од каде посочуваат дека ова кривично дело не случајно е извршено на ден кога двете држави ќе остварат дијалог во функција на надминување на отворените прашања на патот на евроинтеграцијата на Македонија.

–Ваквиот вандалски напад е уште еден доказ дека има многу актери кои се против постигнувањето на напредок во односите меѓу Северна Македонија и Бугарија и нашата заедничка европска иднина, велат од МНР.

Опозицијата, пак, смета дека вакви инциденти се случуваат поради нефункционалноста на институциите.

– Бугарија треба да покаже разум и мислам дека треба да го тргнат ветото. Ако сакаат да наоѓаат причини за да го остават ветото можат секогаш да наоѓаат причини, како и во животот можете да најдете причина да со некого сте пријател, можете да најдете 1.000 причини со некого да сте непријател. Тоа е нивниот избор, но треба да се свесни дека од нивниот однос зависи и нашиот однос и односот на граѓаните на Македонија, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски.

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Битола, заедно со екипи на СВР Битола вчера извршија увид на објектот. Според првичните наоди од увидот,  опожарен е влезниот дел од објектот, подигнати се траги од местото за кои јавниот обвинител издало наредба за вештачење.

Поврзано

Конфискувано седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, 6-годишна затворска казна за Груевски и условна за Божиновски

Elena

Пуч против Путин – Поголема реалност од недела во недела

admin

Бугарски партии бараат во Собранието да помине францускиот предлог

admin
WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com