Ден

ВМРО-ДПМНЕ ќе се обиде да го задржи седиштето и преку Стразбур

Два дена откако судот пресуди конфискација на централниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ но и на триесетина други штабови, лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски излезе на прес конференција, на која најави дека доколку Апелациониот суд пресуди во полза на обвинителството, правдата за Талир 2 ќе се бара во судот во Стразбур. Мицкоски вели дека пресудата не била правна туку политичка, објави и десет правни факти, со кои претставник на партијата ќе настапи пред Апелација.

Мицкоски обвини дека на власта на и треба дефокусирање на вниманието од животот во ценовни шокови и енормна инфлација и зголемена сиромаштија и затоа во моментот се случуваат два паралелни процеси.

– Едниот е посипување на лаги кон ВМРО-ДПМНЕ и мене лично, а вториот процес е дефокусирање на јавноста преку судски процеси и политички прогон како што го гледаме преку случајот Талир 2. Немам дилеми дека треба да има апсолутна правда, безусловно почитување на законите и Уставот. Но, сето тоа треба да биде низ правна процедура. Сакам да ја искористам оваа можност ги пренесам до јавноста правните факти за случајот Талир 2 кој за жал нити обвинителството, а нити партизираното и корумпирано судство и судија ги земаа во предвид, посочи Мицкоски.

Според Мицкоски, истечен е рокот за да се води каква било постапка за овој предмет, бидејќи обвинението е поднесено по зански предвиденото време кое го имаше на располагање некогашното Специјално јавно обвинителство. Тој посочи и дека ВМРО-ДПМНЕ не е странка во постапката, а со пресудата се одзема имотот на ВМРО-ДПМНЕ, со што, како што потенцира, се повредува уставно загарантираното право на сопственост, без притоа да се сослуша претставникот на политичката партија согласно одредбите од законот за кривичната постапка.

– Во случајот воопшто не бевме сослушани, немавме право да си го кажеме нашето мислење и аргументи, рече Мицкоски.

Кривичниот суд, додава, надвор од негови надлежности поништи Договор кој ВМРО-ДПМНЕ го склучила со правното лице АД Бетон Скопје, при што го конфискуваше исклучиво делот кој е сопственост на партијата.

Фото: Ден

– Во најмала рака е нелогично како овој договор е незаконит само за ВМРО-ДПМНЕ и се конфискува имотот кој го стекнала партијата, а е законит партнерот во тој договор и не му е имотот конфискуван. Уште една нелогичност е дека предмет на конфискација е исклучиво објектот сопственост на партијата, а не и земјиштето на кое објектот е изграден. ВМРО-ДПМНЕ на предметната локација имаше објект познат „Жолтата зграда“ кој за никого не е спорно дека припаѓаше на партијата. Се поставува прашањето што со тој објект? Со ваквата пресуда ВМРО-ДПМНЕ е двапати незаконито оштетен, еднаш за новиот објект и еднаш за стариот објект неспорен за никого дека припаѓаше на ВМРО-ДПМНЕ, рече Мицкоски.

Иако, вели Мицкоски, во вештиот наод на одбраната во оваа постапка се тврди дека ВМРО-ДПМНЕ во предметниот период имала и други приходи од членарини и од буџетот кои биле доволни за да се купат останатите партиски простории лоцирани низ државата, судот по барање на обвинителството без да обезбеди супер вештачење донело одлука за конфискација на истите.

– Како обвинителството и судот утврдија дека предметниот Договор е незаконит затоа што бил несразмерен? Затоа што согласно Законот за процена на имот и Методологијата за изготвување на проценки, за идна градба, односно идна недвижност не може да се изготви проценка на пазарната вредност на истата. Од каде знаат колкава ќе е вредноста  на објектот на партнерот  во договорот? Можеби ќе биде милијарда евра, па делот кој го отстапуваат на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде едноцифрен број на проценти. Од каде знаат колкава ќе биде вредноста, може ли некој да даде таква проценка на идна недвижност, тоа е спротивно на законот. Доколку правното лице незаконито на тендери, преку финансиски криминали се богатело, зошто обвинителството до сега не отвори ниту една кривична постапка за истото?, прашува Мицкоски.

Оваа претпоставка, вели тој, е недокажана и нема ниту еден материјален доказ.

– Затоа повторно напоменуваме, партијата во оваа постапка не е обвинета. Но за приватното лице и неговиот имот нема никаква постапка нити пак решение за конфискација на било што. Судот утврдил дека БЕТОН е оштетен, а сопственикот на БЕТОН на последното рочиште пред да се објави пресудата, пред судот изјави дека договорот што го склучила неговата компанијата со ВМРО-ДПМНЕ за нив бил исплатлив, вели Мицкоски.

Најави дека на сето ова ќе вложат жалба откако писмено ќе ја добијат пресудата пред Апелациониот суд.

– Не очекуваме дека нешто може во ова партизирано и октороирано обвинителство и судство да се измени, но ние ќе ги искористиме сите правни механизми кои ни стојат на располагање, а ќе ја разгледаме и опцијата да отвориме постапка и пред судот во Стразбур и правдата ќе биде докажана. Ние ќе продолжиме со нашата борба уште помотивирани, и уште поконцентрирани. Единствениот начин за победа над сиромаштијата, стопирање на инфлацијата, економијата да ни оди напред е смена на оваа власт, заклучи Мицкоски.

Поврзано

Заедничка литургија на МПЦ и СПЦ во Соборниот храм: Ден кој испишува нова историја

Elena

Посебен сообраќаен режим во Скопје: Еве во кои денови ќе важи

Elena

Двајца гинеколози од Битола запоставиле родилка: Задоцниле со царскиот рез дури пет часа

Elena
WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com