По победата на енергичните Калуш Оркестра на Евровизија, едно од главните прашања беше дали ќе може Украина да го организира фестивалот во 2023.
Оваа земја претходно беше домаќин на Евросонг во 2005 и 2017, по победите на Руслана и Џамала. Калуш се трети победници од оваа земја.
Иако традиционално, победникот е следен домаќин на Евровизија, овојпат, според ЕБУ, не се задоволени безбедносните стандарди за одржување на фестивалот. Од домашниот радиодифузер понудија целосна студија за спроведување безбедносни протокли, но сепак, за ЕБУ тоа не е доволно, бидејќи подготовките може да траат и до 12 месеци. Моменталната ситуација во Украина не го дозволува тоа и е голем ризик за организаторите.
„ЕБУ им заблагодарува на посветеноста на УА:ПБЦ и за нивната соработка, како и понудените решенија, од моментот кога Калуш Оркестра победија. Но, за жал, следното издание не може да биде одржано во Украина. Нашата поддршка продолжува“, се вели во соопштението.
Како можно решение е преговарањето со ББЦ, кои се национални организатори. Со оглед на тоа што на второ место беше претставникот на Велика Британија, се поизвесно е дека таму ќе се одржи следната Евровизија.
Сепак, нема да се занемари фактот дека Украина победи во 2022, па настапите за отворање на церемонијата, како и водителите, веројатно ќе бидат избрани таму, се разбира, доколку е тоа можно, со оглед на состојбата во земјата.