Ден

Француски предлог за кревање на ветото: Скопје и Софија бараат гаранции од ЕУ

Во пресрет на јунскиот Самит на ЕУ се очекува официјално да биде испратен до бугарската Влада францускиот предлог за отстранување на ветото наметнато од Бугарија на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ. И Скопје и Софија од ЕУ бараат гаранции за евентуално решение за остранување на ветото. Скопје бара гаранции дека барањето за влез на Бугарите во македонскиот Устав ќе биде последното бугарско барање во однос на овој проблем. Софија, пак, бара, ЕУ да биде гарант дека Македонија ќе ги исполни условите на Бугарија.

Вчера француската амбасадорка во Бугарија Флоранс Робин имаше средба со пратеници од Групата за пријателство со Франција во бугарскиот Парламент. На средбата која не беше официјално најавена, учествуваа и претставници на опозицијата, јави дописникот на МИА од Софија.

Како што пренесе Бугарското национално радио, се очекуваше и официјално да биде испратен до бугарската Влада францускиот предлог за отстранување на ветото наметнато од Бугарија на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ.

Францускиот предлог, кој ќе биде испратен до сите земји-членки на ЕУ, според објавените неофицијални информации, предвидува укинување на ветото, а ЕУ да стане гарант дека Скопје ќе ги исполни условите на Софија.

Властите од земјава пак, велат дека има политичка волја Бугарите да бидат внесени во нашиот Устав, но, дека тој не може да се отвори и измени за една недела, туку за околу сто дена.

-Покрај овој технички аспект, постои и политички – треба да има гаранција дека уставните измени се последното барање од владата на Бугарија. Бараме цврсти политички гаранции и од ЕУ, не само од Софија, рече вчера претседателот на државата Стево Пендаровски одговарајќи на новинарски прашања на заедничката прес-конференција со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел во Охрид.

Нагласи дека не постои политички проблем – ни кај  власта, ни кај опозицијата, во однос на внесувањето на Бугарите кои живеат Северна Македонија во Устав.

-Значи, има политичка волја за тоа. Ние само бараме да се земе предвид една политичка  и една техничка работа. Техничката работа е дека нашиот Устав, и кога има политичка волја за двотретинско мнозинство во Собранието, и кога би имало волја, не може да се  спроведе пред три, три и пол месеци. Побрзо технички не е возможно. Денес да почнеме, помеѓу 95 и 105 дена е според проценката на најдобрите уставни експерти во земјава, рече Пендаровски, појаснувајќи дека има три фази за промена на Уставот, потребна е јавна расправа и, како што рече, сериозен процес на објаснување на народот зошто се прави промената.

Но, вели, покрај техничкиот дел, прашањето има и политички – дали ако влеземе во уставни промени, тоа ќе биде последното барање од бугарска влада – сегашната или некоја следна.

-Многу е несериозно ако ние влеземе во еден сериозен потфат, промената на конституцијата на секоја држава е многу сериозна работа, за која треба многу размислување. Замислете шест месеци од сега, до година, некоја следна бугарска влада или истава, сеедно, да каже сега бараме уште нешто. Значи ние во тој дел бараме цврсти политички гаранции и од ЕУ, не само од Софија. Проштевајте тоа нема да ни биде доволно. Бараме гаранции дека тоа ќе биде последното бугарско барање во однос на овој проблем, во однос на ова прашање, истакна Пендаровски.

На прашање дали доколку тоа барање биде ставено во преговарачката рамка ќе биде доволна гаранција дека Бугарија ќе нема други барања, Пендаровски одговори дека „ако во преговарачката рамка има формулација во која ќе се каже дека ова е последното бугарско барање во однос на ова прашање, немаме проблем со тоа“.

– На Балканот ние сме изгорени многу пати. Меѓу нас сме имале турбулентна историја и најчесто политичката реторика или само зборовите не ни се доволни. Не е лошо да има нешто и на хартија, рече претседателот Пендаровски.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи, пак, вчера во одговор на прашање дали е запознаен со францускиот предлог за кревање на ветото од страна на Бугарија кон Северна Македонија, и дали има кокретни ставови, рече дека прво треба да видиме предлог усогласен од сите земји-членки и потоа да дадеме одговор на нашата позиција на таквите предлози.

– Прво треба да видиме предлог усогласен од сите земји-членки и да дадеме одговор на нашата позиција на таквите предлози. Ние сме и во внатрешна координација, нашата позиција е дека ќе коментираме и дека ќе дадеме наши ставови откако предлогот ќе биде доставен меѓу земјите-членки или ќе коментирмаме став што ќе има поддршка од сите земји-членки, мислам дека тоа е најправичниот начин да комуницираме, истакна Османи на прес-конференција во Охрид пред почетокот на Преспа форумот за дијалог 2022.

Според Османи, не е охрабрувачка политичката сцена во Бугарија, но, вели, ние го следиме патот што го трасира француското претседателство.

– Ако Франција оцени дека оваа внатрешна ситуација во Софија дозволува тие да продолжат со други чекори да се фати овој воз во јуни, ние треба да сме дел од овој процес кога ќе има став координиран од сите членки на ЕУ. Ние подготвени да ги продолжиме разговорите, но очекуваме предлог што е унифициран од сите земји-членки, рече Османи.

Министерот повтори оти тој не би се откажал за можно решение во јуни, но очекуваме насока од француското пртседателство во наредните денови.

Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел рече дека сакаат и работат да го одблокираат  процесот за Северна Македонија и за Албанија.

-Не сум сигурен што ќе се случи на претстојниот состонок на Европскиот совет, но ќе направиме се да бидат преземени одлучувачки чекори, рече Мишел одговорајќи на новинарско прашање што содржи францускуот предлог за тргање на бугарското вето, кој, како што јавија медиумите во Софија, премиерот на Бугарија Кирил Петков требаше да го достави до Парламентот.

Сметаме, додаде Мишел, дека ќе имаме попросперитетна иднина со земјите од Западен Балкан.

-Има фрустрација и недоверба на двете страни. Време е да се делува. Војната во Украина го забрза процесот. Сакаме да го одблокираме процесот за Северна Македонија и Албанија. Многу е важно да се одржува темпото и да се биде активен во процесот, рече Мишел.

Тој не сакаше да коментира кои ќе бидат заклучоците што ќе ги поднесе француското претседателство за состанокот на Европскиот совет, но посочи дека се работи да се најде решение.

– Се надевам дека ќе биде постигнат договор во вистинска насока. Сакаме да посредуваме да се најде решение меѓу 27-те лидери. Го подготвуваме овој состанок и тоа значи дека мора да имаме одредено ниво на дискреција за да бидеме ефикасни, рече Мишел.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, во коментар на информациите во дел од медиумите дека со францускиот предлог бугарските услови би влегле во преговарачката рамка оцени дека тој предлог е нокаут за  македонската дипломатија.

– Тоа е класичен „нокаут“. За мене уште поголем нокаут е лицемерната политика. Затоа што денеска, покрај овој нокаут за македонската дипломатија кој што го слушаме сега, слушам уште еден, би рекол преседан, а тоа е да се уценува Македонија, земја кандидат, а притоа да се излезе со позиција дека Украина заслужува кандидатски статус. Македонија беше во 1999 добар домаќин на стотици илјади НАТО војници. Имавме војна на нашата северна граница, никој тогаш не ни рече од утре сте членка на НАТО, туку, напротив, во 2008 повторно бевме уценувани да менуваме име, менуваме устав за да еден ден бидеме членка на НАТО. Македонија имаше внатрешен конфликт, никој тогаш не кажа од утре сте земја кандидат  за ЕУ, чекавме до 2005.  Работевме, исполнувавме реформи, болни, некои не ни се допаѓаа, за да дојдеме до тој кандидатски статус, рече Мицкоски синоќа во телевизиско гостување.

Франција вчера требаше да го достави официјалниот предлог за кревање на ветото кон Северна Македонија, а како што претходно јавија бугарски медиуми, премиерот на Бугарија Кирил Петков после тоа до Народното собрание ќе го испрати францускиот предлог за укинување на ветото на Северна Македонија и почеток на преговорите за членство во Европската Унија.

Поврзано

Совет на амбасадори: Владата да го сочува достоинството на нашите граѓани и да ги почитува и опстои на црвените линии

admin

Невремето и неодржувањето причина за паѓањето на таванот, смета Јакимовски

Elena

МВР: Внимавајте! Мало невнимание може да предизвика пожар со тешки последици

admin
WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com