Ден

Ковачевки: Превремените избори нема да ги решат проблемите, ги отфрламе деструктивните политики на дел од опозицијата

На денешната средба на владините коалициски партнери усвоивме и потпишавме Декларација за обезбедување стабилност за граѓаните, домашната економија и бизнис секторот во услови на глобална криза, информира премиерот Димитар Ковачевски по завршувањето на средбата со коалициските партнери во Владата.

Тој посочи дека граѓаните се под постојан притисок од неизвесноста која произлегува од растот на цените на енергенсите и на основните производи на светските пазари и, како што рече, во овој период очекуваат од партиите да им испорачаат стабилност на политички план, да понудат јасен концепт за справување со проблемите и целосна посветеност и одговорност во тој процес.

-Целта на Декларацијата е да даде дополнителна и цврста гаранција, но и јасна политичка посветеност за прилагодување на политиките на неопходноста од справување со негативните последици од најголемата криза после Втората светска војна. Сите заеднички заклучивме дека предвремените избори нема да ги решат проблемите на граѓаните, туку ќе ги продлабочат, потенцира Ковачевски.

Затоа, нагласи, го затвораме ова прашање.

-Следните парламентарни избори ќе се одржат во редовниот термин во 2024 година. Во наредниот период продолжуваме со одговор на кризата преку испорачување нов пакет антикризни мерки, системски реформи, неселективна борба против високата корупција и усогласување на изборното законодавство со препораките на ОБСЕ и ОДИХР, прецизира Ковачевски.

Нагласи дека за нашиот евроинтеграциски процес се реафирмирани позициите дефинирани во резолуцијата усвоена во македонскиот Парламент.

-Ја реафирмиравме и нашата посветеност во почитувањето и реализирањето на одредбите од Охридскиот рамковен договор, Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Република Бугарија, како и државниот стратегиски концепт за еднакво општество за сите, посочи Ковачевски и додаде дека целосно се отфрлаат деструктивните политики на дел од опозицијата за блокади на институциите.

Тој ја повика опозицијата да ги преиспитаат и променат досегашните позиции за блокада на законодавниот дом и рече дека политичкиот дијалог со опозицијата околу прашањата од највисок национален интерес треба да се одвива на конструктивно ниво во рамки на демократски избраните институции.

-Уцените за предвремени избори и обидите за блокада на законодавната власт ги оценуваме како неразумни, потенцира Ковачевски и додаде дека се во најлош можен тајминг и се целосно против интересите на граѓаните и државата.

Поврзано

Пратениците ја продолжуваат расправата за ребалансот на буџетот

admin

Францускиот предлог утре пред пратениците, ќе им се обрати и претседателката на ЕК, фон дер Лајен

Elena

Фондацијата „Заев – Едно општество за сите“ испрати 20 тони производи хуманитарна помош во Украина

Elena
WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com