Премиерите на Македонија и Албанија, Димитар Ковачевски и Еди Рама но и претседателот на Србија, Александар Вучиќ се во последни консултации со советниците и кабинетите, дали воопшто треба да учествуваат на Самитот на Европската Унија за Западен Балкан, кој треба да се одржи утре во Брисел.
Лидерите од регионот се поканети на средба, која треба да се одржи пред почетокот на редовниот јунски Самит на ЕУ, а на кој ќе се разговара за проширувањето на Унијата.
Веќе е извесно дека Србија нема да отвори нов кластер, а е се појасно и дека Македонија и Албанија ќе останат повторно да чекаат нова средба на која евентуално би го немало бугарското вето за македонските европерспективи.
Албанскиот премиер Еди Рама пак, на Твитер вчера соопшти дека со Ковачевски и Вучиќ разговарале за престојниот Самит и дошле до заклучок дека нема што да прават таму.
„Разговаравме со лидерите на Србија и Македонија за Самитот на ЕУ. Изгледа дека уште едно „Не, извинете!“ ќе биде она што ќе го слушнеме на крајот! Целата Унија киднапирана од Бугарија не е добар спектакл за гледање! Што ќе правиме таму?“, напиша Рама вчера.