Ден

Заев: Не е срушен сонот за членство во ЕУ

Сонот за членство во ЕУ не е срушен. Другата опција се национализмот, радикализмот, неизвесноста и враќање назад во проблематичното и мрачно време во кое никој не сака да се врати, истакнува премиерот Зоран Заев  во интервју за саботното издание на белградскиот дневен весник „Политика“.

– Северна Македонија е на добар пат да стане 30-та полноправна членка на НАТО. Од друга страна, одлуката за одредување датум за преговори со ЕУ беше одложена. Иако 27-те земји-членки на ЕУ јасно и гласно го поддржаа почетокот на преговорите на нашата земја со ЕУ, една земја инсистира најпрво на внатрешни реформи во ЕУ. Ја поддржуваме иницијативата на францускиот претседател Емануел Макрон, но убедени сме дека Северна Македонија не би направила никаква штета ако и се даде шанса да започне преговори, туку напротив – тоа би било добра мотивација да се продолжи со внатрешни реформи, а во исто време со почитување на европските вредности, да придонесеме во реформските процеси во рамките на самата ЕУ, оценува Заев.

Толкувајќи ја одлуката на францускиот претседател Емануел Макрон, која го успорила патот на Северна Македонија во ЕУ, премиерот Заев вели дека Франција во минатото, а и сега има помогнато во демократските реформи.

– Во потегот на францускиот претседател, јас гледам намера да се спроведат реформите во ЕУ, како и за ефикасни преговарачки процеси на земјите што ги отворија преговорите со ЕУ. Она што е важно во моментот е да се разбере дека отварањето на преговори со земја-кандидат која целосно го заврши својот дел од работата, како што е Северна Македонија, може да биде од помош на тој процесот. Зошто? Затоа што покажавме дека преку искрени пријателства, со ефикасна дипломатија, политика на дијалог и консензус, со соседите и дома, ги браниме и создаваме европските вредности. Од друга страна, ако се отфрли принципот на заслуга, што може тоа да донесе? Дали напредокот ќе остане силна мотивација? Како тоа ќе влијае на другите отворени регионални прашања од кои директно зависи политичката и безбедносната состојба? Европската перспектива на Скопје и на балканските земји нема алтернатива, изјави Заев.

На прашањето на „Политика“ зошто наместо оставка се распишани вонредни парламентарни избори, кога дури и Макрон има изјавено дека се испонети сите барани услови, премиерот Заев изјави дека смета да е коректно да го врати мандатот на народот, за да добие нова чиста подршка за патот во иднина.

– Поддршката што ја добиваме од ЕУ е недвосмислена за отворање преговори. Таа поддршка доаѓа од целото раководство на Европската комисија, Европскиот парламент, од 27 земји-членки на ЕУ. Ни Франција не е против нас. Францускиот Сенат го усвои, во првата фаза, предлог-законот за ратификација на Протоколот за членство на РСМ во НАТО. Ова е силен ветер во грбот за да излезам пред граѓаните и да побарам од нив нов мандат, за мојата партија и јас да продолжиме да ја водиме земјата напред, кон НАТО, кон ЕУ, кон економски развиена, стабилна и безбедна држава, затоа што другата опција е национализам, радикализам, неизвесност, враќање назад во проблематичното и мрачно време, во кое никој не сака да се врати. Во сегашните околности, како чесен, совесен и одговорен политичар, решив дека е исправно да го вратам мандатот на народот и да ги замолам граѓаните за нова, чиста поддршка за да останеме и да продолжиме на патот што го одиме. Тоа е вистинскиот пат, тоа е патот кон НАТО, кон нови инвестиции и перспективи, со нови работни места и повисоки плати, патот кон едно општество за сите, кон мир, стабилност и безбедност – европскиот пат. Македонците отсекогаш покажале мудрост во специфични моменти и околности за земјата и јас сум убеден дека ќе го изберат патот на напредокот, нагласува Заев.

Можеби ќе ве интересира:

Суспендиран екс претседателот на Кривичен суд, Владимир Панчевски

Ден

Ристоска: Дејствијата на поединци не го карактеризираат дејствувањето на СЈО

Ден

Дескоска: „Рекет“ само го забрза спојувањето на СЈО и Јавното обвинителство

Ден
UA-107222993-1